ПЛАН ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ „ОНЛАЈН“ АКТИВНОСТИ И НАСТАВА ЗА САМОУЧЕЊЕ

03-156/1/23.03.2020

Почитувани ученици, родители и вработени,

Би сакал да Ве информирам дека воспитно-образовниот процес во училиштето и по 24.03.2020 најверојатно ќе биде во прекин поради зголемување на бројот на новозаболени лица од вирусот COVID-19 и ескалирање на ситуацијата во нашата држава. Во исчекување на конкретни мерки и напатствија за понатамошно одвивање на наставата од релевантните институции како што се Бирото за развој на образованието и Министерство за образование сѐ со цел изнаоѓање на унифициран начин за изведување и следење на наставата за учениците кои следат настава по ист предмет или квалификација, а постапувајќи согласно точка 9 од Препораките и мерките за превенција од ширење и спречување на вирусот COVID-19 во Општина Илинден, донесени на 18.03.2020 од Градоначалникот на Општина Илинден м-р Жика Стојановски, директорот на Средното општинско стручно училиште „Илинден“-Илинден донесе План за изведување на онлајн активности и настава за самоучење на учениците кои се во насока на анимирање на учениците и квалитетно пополнување на времето во домашни услови.

ПЛАН ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ ОНЛАЈН АКТИВНОСТИ И НАСТАВА ЗА САМОУЧЕЊЕ

1. Се препорачува наставниците во соработка со учениците и родителите поучувањето и учењето да го изведуваат онлајн или преку користење на алтернативни средства за електронска комуникација
2. Се задолжуваат класните раководители најдоцна до 20.03.2020 да утврдат колку учениците и предметните наставници имаат пристап до интернет и до соодветни технички ресурси и средства за следење и реализирање на вакви воспитно-образовни активности
3. Се препорачува секој предметен наставник да користи одредени платформи или апликации кои се најсоодветни за конкретниот наставен предмет и за споделување на материјали за самоучење, содржини од наставната програма или интересни материјали поврзани со предметот, наставни ливчиња, линкови од соодветни корисни веб страни или содржини од youtube
4. Се апелира до сите партиципиенти да споделуваат и разменуваат само материјали кои се поврзани со предметот и со наставната содржина, додека апликациите за брзо споделување на одредена информација или одредени прашања да се користат во разумен период од денот т.е. од 08.30-17.00 часот од понеделник до петок за да се зачува приватноста и слободното време на секој поединец
5. Се апелира учениците да соработуваат и проактивно да се вклучат во следење на насоките, упатствата и барањата на наставниците
6. Учениците за самоучење можат да ги користат и сопствените учебници како и учебниците во електронска форма: http://www.e-ucebnici.mon.gov.mk/ → средно стручно образование→општообразовни предмети / електротехничка струка.
Дополнително на сајтот на МОН (mon.gov.mk) се поставени бесплатни дигитални платформи, апликации и содржини за учење од дома.

Напомена: Овој План е за неформално учење и поучување и не е замена за формалното учење. Истиот е во форма на препорака и ќе започне да се применува од 23.03.2020, а е со важност до добивање на официјални насоки од БРО и МОН за понатамошно организирање на воспитно –образовниот процес.

П.С. „ Кога ќе дувнат силни ветришта, некои луѓе градат ѕидови за да се заштитат од силните налети на ветрот, додека други градат ветерници за да го искористат ветрот “
Ајде сите ние да ги прифатиме овие неопходни промени кои ни ги наметна сложената ситуација во која се наоѓаме и да ja искористиме технологијата и можностите кои ни се на располагање.

Воедно апелирам сите да останеме дома, да ги почитуваме мерките и препораките на Светската здравствена организација и на Министерството за здравство, да бидеме совесни, солидарни, разумни, трпеливи и одговорни кон себе и кон другите.

Илинден, 20.03.2020

Директор на СОСУ „Илинден“- Илинден – Зоран Арсовски

Објавено на 23.03.2020 во Општо

Сподели го текстот

Back to Top