Потпишан меморандум за соработка меѓу СОСУ „Илинден“ и ФЕИТ

Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ и Средното општинско стручно училиште „Илинден“ со заеднички активности ќе поттикнуваат создавање квалитетен кадар. Активностите се утврдени со меморандумот за соработка што го потпишаа денеска деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, директорот на СОСУ „Илинден“, Зоранче Арсовски и  градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски.

Од општина Илинден истакнуваат дека со потпишување на меморандум се очекува зголемување на квалитетниот кадар во Македонија и поттик за негова надградба преку размена на искуства на наставниот кадар, смислување заеднички проекти и меѓународни натпревари, но и задржување на младите во државата преку идеи и поддршка за создавање сопствен бизнис.

– Овој меморандум е една почетна точка и за училиштето, и за факултетот. Во неколку насоки сакаме да ги подобриме условите за работа и на учениците, и на студентите, преку заеднички проекти, литература, опрема, организирање семинари, натпревари и обуки, и  не само за нив, туку и за професорите и наставниците. Нашата идеја е да создадеме што поповолни услови и да ги охрабриме младите да почнат сопствен бизнис, бидејќи тие се полни со квалитетни идеи, изјави деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски.

Средното училиште „Илинден“ е основано во 2013-та година од општина Илинден. Има осум паралелки со 256 ученици, од кои 63 ученици во две паралелки се матуранти годинава. Наставните програми кои ги нуди училиштето се „електротехничар за компјутерска техника и автоматика“ и „електротехничар за електроника и телекомуникации“.

Директорот на училиштето Арсовски рече дека е задоволен од досегашното функционирање и условите за работа кои ги нуди училиштето, но смета дека надградбата на наставниот кадар е исто толку важна.

– Сметам дека надградбата на наставниот кадар е многу важна. Би било убаво да се разменуваат искуства со факултетот и да се организираат некои меѓународни натпревари. Ова треба да се прави најмногу поради  младите, за постојано да можат да се дообразуваат и усовршуваат. Ние би сакале и да го пробудиме интересот на основците за овие струки бидејќи иднината е во техничките насоки, изјави Арсовски.

Според градоначалникот на Илинден, неопходна е поддршка од компаниите на младиот кадар, односно стипендирање на најквалитетните и најсолидни ученици.

– Задржувањето на младите во Македонија треба да почне уште веднаш. Ние како општина имаме меморандуми со неколку компании кои треба да влезат во производство, и затоа сметам дека ова е одлична  можност и за компаниите да ги поддржат квалитетните кадри уште како ученици во средното образование,  па понатаму преку Факултетот да се затвори кругот на нивното образование кога компаниите би ги преземале како свои вработени. Фирмите би можеле да ги следат младите уште додека учат средно образование, да им овозможат обуки или стипендии додека се на факултет, за на крај да имаат веќе готов квалитетен кадар, изјави градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски,

 

Објавено на 20.04.2017 во Настани

Сподели го текстот

Back to Top