Во рамки на потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу СОСУ „Илинден“-Илинден и компанијата Џонсон Мети за учебната 2024/2025 година се изреализира „Учење преку работа кај работодавач“. Преку оваа соработка, во текот на годината учениците имаа можност да ја поврзат теоријата со практичната работа во реална средина, да се стекнат со нови знаења и компетенции потребни за самостојно вклучување во работниот процес, да работат со специфични алатки, средства и уреди, да развијат меки вештини (преземање одговорност, градење ставови, почитување прописи и стандарди) и сл.
На крајот од наставната година учениците поделени во тимови од по два или три ученика имаа задача да изработат проектна задача на одредена тема која ја работеле во текот на годината и истата да ја испрезентираат пред менаџментот на училиштето и на компанијата, како и пред професорите и менторите.
Како награда за нивниот ангажман, а согласно потпишаниот Меморандум за соработка, од страна на Џонсон Мети им беа исплатени средства во висина од 15.600,00 ден. за 2025 година.
Покрај овие стипендии сите ученици од дуалните паралелки во трета и четврта година добиваат месечни стипендии и од МОН во висина од 3.500,00 денари.
Менаџментот на училиштето искрено им се заблагодарува и на МОН и на Џонсон Мети за финансиската поддршка која им ја даваат на нашите ученици, а е во насока на силна мотивација за нивно понатамошно усовршување и напредок и градење на идни квалитетни стручни кадри кои се неопходни на приватниот сектор и на државата. Искрена благодарност и до нашите професори и до менторите во компанијата кои на несебичен начин се трудеа да им пренесат што повеќе знаења и вештини, а најголема благодарност до Општина Илинден и нашиот почитуван Градоначалник Александар Георгиевски за континуираната поддршка на секое поле.
Comments are closed.