Министерот за образование и наука Спиро Ристовски: Општина Илинден е пример што треба да го следат и другите општини

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, го посети првото средно стручно училиште „Илинден“ во Општина Илинден. За време на посетата, во друштво на градоначалникот Жика Стојановски, тој се запозна со условите за работа во училиштето во кое во две паралелки за електротехничка струка, електроника и телекомуникации и  компјутерска техника и автоматика се образуваат 63 ученици, а за идната учебна 2014/2015 година е предвидено да учат 68 ученици.

-Импресивно е она што денес го видов во Општина Илинден. Ова е вистински потег на Општината и пример што треба да го следат и другите општини, градоначалници и директори на стручни училишта, истакна министерот Ристовски, зборувајќи за успешната соработка на Општина Илинден со бизнис секторот во општината.

Повод за ова е потпишувањето на меморандуми за соработка во областа на образованието на Општина Илинден со компаниите МЕПСО, Џонсон Контролс, Ван Хол и Џонсон Мети со кои се обезбедува практична настава и обука во капацитетите на овие компании за учениците од средното стручно училиште „Илинден“.

-Ова им дава перспектива и иднина на сите ученици. Многу знаење во комбинација со практика. Практичната настава ќе се обезбедува во најголемите компании во општина Илинден и пошироко, со цел учениците по завршувањето на четврта година да излезат со многу знаење и практика за да можат веднаш да влезат во процесот на производство. Тоа е крајната цел зашто така се намалува невработеноста, истакна градоначалникот Жика Стојановски.

Изборот на насоките во училиштето е плод на успешната соработка на локалната самоуправа и бизнис-секторот во општината. По сеопфатната анализа за потребите од соодветен кадар за стопанството во општината произлезе изборот на средното училиште кое ќе профилира кадар што веднаш по завршувањето ќе биде оспособен да се вклучи во производствените процеси. Оваа практика од поодамна позната во светот, за прв пат во нашата земја се применува токму во Општина Илинден, благодарејќи пред сè на добрата соработка на локалната самоуправа со бизнис-заедницата.

За време на посетата на Општина Илинден, министерот Ристовски најави дека за да го поврзе средното стручно образование со пазарот на трудот, да им овозможи реална пракса на учениците со која тие полесно ќе се вработат, Министерството за образование и наука отвора електронска адреса praksa@mon.gov.mk

-Доколку компаниите имаат потреба, ќе пријавуваат на оваа и-мејл адреса, а ние како ресорно министерство во соработка со општините ќе склучуваме меморандуми за соработка со компаниите и ќе им обезбедуваме реална пракса на учениците, изјави министерот Спиро Ристовски.

Објавено на 01.04.2014 во Активности

Сподели го текстот

Back to Top